Балканска агенда 29-2018

Геноцидот во Сребреница – II

Балканска агенда 29-2018

На 11 јули сабота по повод 23-та годишнина од масакрот во Сребреница се одржа комеморација. На одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница учествуваа илјадници лица, а исто така во меморијалниот центар Поточари во близината на Сребреница беа погребани ексхумираните остатоци на уште 35 жртви. Се до денес во Поточари се погребани околу 6 600 жртви на геноцидот. Бидејќи сторителите на геноцидот и натаму продолжуваат да ги кријат масовните гробници, мајките на Сребреница по период од 23 години со надеж дека еден ден ќе бидат откриени посмртните остатоци и на нивните најсакани, продолжуваат да го живеат пеколот на Сребреница.

На 11 јули 1995 година командантот на босанските Срби Ратко Младиќ, веднаш по преземањето на контролата над Сребреница пред ТВ-канали јавно рече дека дојде ден да им се осветиме на Турците. Младиќ најпрвин пред камерите на децата им подели бонбони, а на возрасните цигари. Веднаш по оддалечувањето на камерите од подрачјето, Младиќ жените, децата и возрасните ги испрати во Тузла кој град се наоѓаше под контрола на Бошњаците муслимани. Масакрот врз останатите започна ноќта на 11 јули. Младиќ на војниците на холандскиот баталјон кој во Босна се наоѓаше под покровителство на ОН им даде рок до 10.00 часот на 12 јули да ја напуштат Сребреница и околината. Дел од Бошњаците се обидоа да побегнат во околните шуми, додека поголемиот број од нив беа фатени и убиени од страна на Србите.

Од 11 до 16-ти јули 1995 година, масакрот врз мажите продолжи на интензивен начин. Од доказите кои што беа изведени од судските постапки што се водеа пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија може да се утврди дека масакрот однапред и детално бил испланиран. Имено претходно биле набавени камионите коишто се употребуваа за пренесување на Бошњаците кои беа убиени, претходно биле утврдени места каде што ќе бидат убиени погребани Бошњаците, некои масовни гробници претходно биле ископани, додека за ископот на другите гробници спремно чекале булдожерите и другите градежни машини. Сребреница се стекна со одлика на втор Аушвиц на Европа.

Како последица на геноцидот во Сребреница, се појавија различни извештаи во кои освен босанските Срби, се обвинуваа Холандија, Франција, ОН и некои други европски земји. Сите овие извештаи претставуваат јасни докази за неодговорноста и пасивниот став на меѓународната заедница кон масакрот врз Бошњаците. На пример, Холандскиот институт за историски документи во извештајот што го објави на 10 април 2002 година го изнесе мислењето дека тогашната холандска влада беше во состојба да го спречи геноцидот во Сребреница во 1995 година. Според извештајот, холандската влада покрај тоа што претходно дозна дека Србите ќе ја нападнат Сребреница, само поради безбедноста на своите војници, замижи пред масакрот. Врз база на овој настан, холандската влада предводена од Вим Кок на 16 април 2002 година поднесе оставка.

Во извештајот што беше објавен од страна на една комисија на францускиот парламент во ноември 2001, беше истакнато дека во одредена мера Франција и ОН исто така се одговорни за масакрот во Сребреница. Во извештајот се истакнува дека францускиот генерал Бернар Занвиер го спречи организирањето на операцијата на НАТО врз српските вооружени единици кои извршија агресија на Сребреница.

Освен наведениот извештај, во врска со трагедијата во Сребреница беа обелоденети уште низа факти. На пример, уште пред Сребреница да падне во рацете на Младиќ, бошњачките војници кои беа разоружени од страна на УНПРОФОР, од војниците на холандскиот баталјон бараа да им се врати оружјето. Но за жал командантот на холандскиот баталјон Том Кареманс се спротивстави на ова барање, поради што Сребреница падна во рацете на Србите без никаков отпор.

Според одредени тврдења во некои весници, само неколку дена по масакрот во Сребреница, британскиот генерал Руперт Смит кој е познат по пасивноста во врска со трагедијата во Сребреница и група високи раководители на ОН во Белград се состанаа со Слободан Милошевиќ и Ратко Младиќ. На состанокот, наместо да се осудат случувањата во Сребреница, ако да ништо не се случило, воопшто не се спомна ова прашање. Страните единствено разменија мислења само во врска со пуштањето на слобода на мировниците на ОН кои беа заробени од страна на српските војници.

4,5 години по геноцидот во Сребреница, генералниот секретар на ОН Кофи Анан нареди да се изготви извештај во врска со Сребреница. Во извештајот кој беше објавен на 15 ноември 1999 година беше истакнато дека ОН направија многу грешки во Сребреница, дека биле направени погрешни проценки во врска со случувањата и дека на крајот на сиве овие случувања, Сребреница не можеше доволно да се одбрани. Извештајот претставува јавна исповед на ОН дека не биле преземени доволни мерки за обезбедување на безбедноста на безбедносната зона Сребреница.

Накратко речено, геноцидот во Сребреница претставува една од најмрачните страници на човечката историја и меѓународната дипломатија. Имено над 8 илјади Бошњаци беа убиени пред вниманието и очите на целата светска јавност. Некои западни земји со цел да се спасат неколку мировници кои беа заробени од страна на Србите, за жал замижија пред геноцидот врз Бошњаците во Сребреница.

Автор е д-р Ерхан Турбедар.



Слични вести