Амбасадата на Турција во Скопје одржа Комеморативна церемонија по повод 15 јули

„Синовите на нашиот голем народ, исто како во битката на Чанаккале и Турската војна за независност, положувајќи ги своите животи како штит против пучистите, ги одбранија татковината, знамето, државата, демократијата и иднината“

Амбасадата на Турција во Скопје одржа Комеморативна церемонија по повод 15 јули

Под покровителство на Амбасадата на Турција во Скопје, во организација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Институтот „Јунус Емре“, денес во „Куршумли ан“ во Старата скопска чаршија по повод 15 јули се одржа Комеморативна церемонија.

На церемонијата беа присутни министерот без ресор, задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, пратеници од Собранието на Македонија, лидери на политички партии, претседатели на фондации и здруженија, претставници на турски институции и организации во земјата како и голем број гости.

Програмата започна со оддавање почит на загинатите со едноминутнo молчење и со интонирање на химните на Македонија и Турција, а потоа беше прикажано видеото насловено „Што се случи на 15 јули?“, подготвено од страна на Anadolu Agency (AA).

Во рамките на комеморативната церемонија беше организирана изложба со фотографии на АА од ноќта на обидот за државен удар. 

Амбасадорката на Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара во своето обраќање пред присутните истакна дека денес се собрале во чест на сеќавањето на 251 турски граѓанин кои загинаа за време на предавничкиот обид за државен удар, кој се случи на 15 јули 2016 година во Турција, да упатат благодарност до ветераните и во чест на националното единство, интеграцијата и демократијата. 

Кара истакна дека вечерта на 15 јули, тајна група инфилтрирана во Турските вооружени сили се обиде да го наруши уставниот поредок. 

 

„Но, синовите на нашиот голем народ, чија историја е полна со слава и гордост, исто како во битката на Чанаккале и Турската војна за независност, положувајќи ги своите животи како штит против пучистите, со голема верба во срцата ги одбранија татковината, знамето, државата, демократијата и иднината“, додаде таа. 

Амбасадорката Кара нагласи дека оваа терористичка организација, која не познава ниту морална ниту законска граница, претставува голема закана не само за Турција, туку и за сите земји во кои врши активности. Таа рече дека терористичката организација, политичкото влијание и стекнатата економска моќ ги користи за своја корист. 

Кара рече дека меѓународната заедница треба да покаже иста решителност во борбата против сите терористички организации. 

„Во оваа насока, од особено значење е соработката на сите наши пријателски земји, на чело со Македонија, со нашата земја, во борбата против кукавичката терористичка организација ФЕТО. Многу е значајно затворањето или пренесувањето на сопственоста на училиштата, фондациите и здруженијата кои се под контрола на ФЕТО, како и утврдувањето на компаниите кои дејствуваат во рамки на ФЕТО, и екстрадирањето на лицата поврзани со оваа организација. Ни претставува големо задоволство што нашиот пријател Македонија беше меѓу првите земји кои се солидаризираа со нас, по кукавичкиот обид за државен удар, и ја поздравуваме одлуката донесена на 23 август 2016 година за затворање на медиуми, училишта и компании поврзани со терористичката организација ФЕТО“, нагласи Кара.

Кара потсети дека премиерот на Македонија, Зоран Заев, на Собирот по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик, ја изрази поддршката кон борбата против ФЕТО, и поради тоа, длабоко се уверени дека Македонија нема де ги остави сами во борбата против оваа терористичка организација.

Според Кара, со жалење гледаат дека училиштата, медиумите и компаниите поврзани со ФЕТО сè уште ги продолжуваат нивните дејствија во Македонија.

„Јасно е дека оваа терористичка организација има намера да им наштети на одличните односи меѓу Турција и Македонија. Веруваме дека во идниот период, нашата братска земја Македонија, преку конкретните чекори во борбата против ФЕТО ќе ги оневозможи овие нејзини предавнички цели, и на тој начин ќе се круниса нашето вековно пријателство“, додаде таа.

По одржаните говори, амбасадорката Кара даде изјава за медиумите, во која рече:

„Терористичката организација ФЕТО, која e уникатна по своите карактеристики, и која, за жал, има воспоставено глобални врски, не познава граници во прекршувањето на моралните и правните вредности, и веќе е општопознато дека се структуира и во другите држави, трудејќи се да стекне политички и економски владеачки точки.“

Таа нагласи дека ФЕТО, не само за Турција, туку и за сите држави во кои функционира, претставува национална безбедносна закана, и дека како резултат на одлучниот став на Турција, уништени се главните столбови на оваа организација во рамките на борбата против ФЕТО.

Амбасадорката истакна дека веруваат оти во наредниот период, со конкретните чекори кои ќе ги преземат во борбата против тероризмот, уште еднаш ќе ја потврдат солидарноста помеѓу двете земји, чии корени се потпираат на една долга заедничка историја.

„Турција, слично како и по првиот ден од прогласувањето на независноста, секогаш ќе продолжи да ја дава својата поддршка кон Македонија, која минува низ важни процеси“, додаде таа.



Слични вести